×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 46
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.46

БЕЗБЕДНИ ГРАДБИ

Безбедноста е еден од основните проектни критериуми и нејзиното исполнување претставува императив кај градбите.
Таа е во тесна врска со квалитетот на материјалите што се вградуваат, но и со самата изведба. Генерално безбедноста зависи од категоријата на објектот, а истата е пропишана со правилниците за проектирањето, стандардите и процедурите на изградбата. Преку примената на современите материјали и новите технологии, светските искуства покажуваат постојано зголемување на сигурноста на градбите и безбедноста на луѓето. Во нашата земја на оваа тема се говори само по некој непријатен настан, а малкуте дебати завршуваат без конкретни мерки. Паралелно на ова, во изминатите неколку години бележиме тренд на зголемена изградба, а трката за поголем профит и пократкото време на изведбата остава простор за секакви импровизации и манипулации. Во тој контекст наместо со зголемена контрола на градбите, се соочуваме со потешкотии како резултат на недоволно прецизно дефинираните надлежности, обврски и одговорности помеѓу учесниците во градбата. Тука пред сè мислам на Законот за градење кој впрочем е и најчесто менуваниот закон во изминатите десетина години.
Според мислењето на многумина, потребата за функционален систем за контролата на проектите, градежните материјали и воопшто надзорот над изградбата, го супституира со системот на дополнителната контрола од една институција која ја носи целата одговорност.
Дали и колку е ефикасен овој систем, денеска постојат различни гледишта. Останува дилемата дека сите објекти може да бидат детално испитани и проверени.
Во некои случаи постојат и проблемите поврзани со недоволното познавање на законските решенија. Имено, минатата година се донесе Законот за градежните производи кој ги уредува условите за пуштањето и надзорот на градежните производи на пазарот, како и нивното вградување. Во меѓувреме повеќе лаборатории побрзаа да се акредитираат за атестирање на градежните материјали, но за жал, имплементацијата и бавното спроведување на законот во практиката не ги даде потребните ефекти.
Друг голем сериозен проблем е безбедноста на бесправно изградените објекти кои се легализирани без соодветен градежноконструктивен проект. Кај овие градби реално не може да се гарантира квалитетот.
Познавајќи го социјалниот аспект, се очекува дека во најголем број случаи тие не ги исполнуваат градежните прописи и стандардите. И покрај сите реакции во јавноста, спорните одредби од Законот за легализација на дивоградбите сè уште се во примена.
Безбедноста на луѓето е бескомпромисна категорија која e загарантиранa со граѓанските закони и техничките прописи. За безбедноста е пресуден квалитетот на градбите кој е достижен само ако сите учесници во процесот на градењето доследно ги почитуваат и спроведуваат прописите и стандардите. Уште повеќе, наша професионална аспирација треба да биде континуираното подигање на квалитетот и безбедноста на градбите.

Проф. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“