Присутните имаа можност да проследат продуктивна програма, која овозможи отворен дијалог помеѓу претставници на локалната самоуправа, академската заедница, стручната јавност и релевантните институции. Во фокусот беше потребата од усогласување на научните сознанија со процесите на стратешко планирање и носење одлуки.
Во првиот дел од настанот беа презентирани клучните резултати и достигнувања од проектот, со посебен осврт на нивната практична примена во креирањето на локални и национални политики за подобрување на квалитетот на воздухот. Се потенцираше важноста од користење на валидирани податоци како основа за ефективни мерки и долгорочни стратегии.
Двете значајни предавања беа одржани од Проф. д-р Артур Бартосик од Технолошкиот универзитет во Киелце, Полска, кој говореше на тема „Производство и потрошувачка на енергија: Парадокси во животот и инженерството“, при што ги истакна современите предизвици во енергетиката и нивната поврзаност со животната средина и проф. д-р Ристо Филкоски од Машинскиот факултет – Скопје кој го одржа предавањето за „Загадување на воздухот од термални процеси и влијание во урбаните средини“, нудејќи детална анализа за изворите на загадување и нивното влијание врз урбаните екосистеми.
Настанот заврши со панел дискусија на тема „Загадување на воздухот – универзален проблем – специфични акции“, во која учествуваа експерти, инженери и млади истражувачи. Дискусијата отвори значајни прашања поврзани со практичната имплементација на мерките, предизвиците во институционалната координација, како и потребата од подобра достапност и интеграција на податоците во постоечките регулаторни рамки.