In Memoriam

Печати

georgi kostadinovskiСо длабока тага Ве известуваме дека на 8 декември 2020 година, на 90 годишна возраст почина д-р Георги Константиновски, доајен на македонската архитектура.

Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има локално, регионално и меѓународно значење. Се повеќе неговите дела предизвикуваат внимание кај оние кои го истражуваат периодот на бруталистичката архитектура.

Архивот на град Скопје, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Архивот во Охрид, Архивот во Штип, Спомен домот на Разловечкото Востание, Пелинце, Домот на печат во Приштина и многу други објекти остануваат да сведочат за неговото дело и за зрелата мисла на македонската архитектура, своевремено.

Роден е 1930 година во Крагуевац, дипломирал на Техничкиот факултет во Скопје на одделот за архитектура, а во 1965 станува магистер на универзитетот Јеил во САД. Бил професор и декан на Факултетот за архитектура во Скопје. Во 2016 година станал почесен член на МАНУ.

Во 2015 година, д-р Георги Константиновски беше добитник на наградата од Комората на овластени архитекти и овластени инженери именувана „Проф. Борис Чипан“, за придонес во архитектурата.