Објавена книга ПРИРАЧНИК со решени примери за пресметување на темелни и анкерни конструкции според ЕВРОКОД

Печати

ПРИРАЧНИК со решени примери за пресметување на темелни и анкерни конструкции според ЕВРОКОДВе информираме дека е излезена од печат книгата ПРИРАЧНИК со решени примери за пресметување на темелни и анкерни конструкции според ЕВРОКОД.

Автори: Проф. д-р Јосиф Јосифовски, Доц. д-р Бојан Сусинов 

Рецензенти: Проф. д-р Милорад Јовановски и Проф. д-р Спасен Ѓорѓевски
Издавач: Градежен факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј
Област: Градежни конструкции – Геотехника – Проектирање – Еврокодови (технички стандарди) – Пресметки- Прирачници

Европските норми (EN) се технички стандарди меѓу кои се и еврокодовите како регулатива за проектирање за градежни конструкции. Изготвени според искуствата, практиката, научните и истражувачки достигнувања на Европа во изминативе 50 години, нивната примена гарантира највисок степен на технички квалитет и сигурност. Со нив се елиминираат разликите преку воведувањето на единствен степен на сигурност за конструкциите. Исто така, тие овозможуваат еднакви услови за инженерите, изведувачите, проектантите и производителите да ги нудат своите услуги и производи на еден поголем пазар. Во февруари 2008 година со официјалното издавање на еврокодовите, означен е и почеток, со што се постави камен-темелникот воведувајќи 10 нови стандарди за проектирање на градежните конструкции. Помеѓу останатите стандарди, тука е и стандардот  EN 1997 за геотехничко проектирање кој заедно со 1990, 1991 и 1998 се сметаат за клучни т.н. „umbrella codes“. Оттогаш, сите земји членки на ЕУ ги користат новите европски стандарди.

Стандардот EN 1997 или популарно наречен Еврокод 7, е составен од два комплементарни дела, кои формираат една општа рамка.

Првиот означен како EN 1997-1 со наслов „Геотехничко проектирање – Дел 1 Општи правила“, ја уредува областа на геотехничкото проектирање. Истиот е составен од нормативен дел кој дефинира одредби и принципи на проектирање, како и општи правила за примена. Овој документ е дополнет со повеќе анекси кои се со нормативен и информативен карактер.

Вториот означен како EN 1997-2 со наслов „Геотехнички истражни работи и испитувања“, ја уредува областа на геотехничкото испитување и истражување. Всушност, со него се опишуваат сите теренски и лабораториски постапки за испитување и истражување на геотехничката средина.

Заложбата за воведување и хармонизирање со еврокодовите, како дел од европската легислатива и во РС Македонија, потребно е да се забрза со заложба на сите инволвирани страни. Во рамките на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија (ИСРСМ), работи Техничкиот комитет 40 за еврокодови и национални анекси и Работната група 7 надлежна за геотехничкото проектирање. Тој како национално стандардизациско тело, веќе ги усвои еврокодовите како технички стандарди, вклучувајќи ги и придружните национални анекси. Во следниот период претстојат активности за десиминација и имплементација на еврокодовите во практиката меѓу инженерите и проектантите. Водени токму од оваа потреба, авторите со овој прирачник за проектирање на темелни и анкерни конструкции според ЕN 1997-1 и ЕN 1998-5, сакаат да дадат свој личен придонес во промоцијата на еврокодовите и да помогнат за нивната имплементација како македонски стандарди за проектирање на градежни конструкции.

Во прирачникот се обработуваат две области, и тоа: Проектирање на темелни конструкции и Проектирање на анкерни конструкции. Под темелни конструкции поточно се мисли на плитки и длабоки, каде што како плитки се обработува темелот самец, лентовидниот темел, темелната скара и темелна плоча, додека коловиот темел се обработува како систем за длабоко темелење. Дополнително, се обработуваат и анкерните конструкции кои како геотехнички објекти често се применуваат независно, но и во комбинација со потпорни тела (ѕидови) за стабилизација на градежни јами и коснини.

Прирачникот е организиран во четири глави, а функционално секоја глава е составена од два дела, и тоа: првиот се однесува на теоретските правила и принципи, како и постапки кои се опишани во еврокодовите, комбинирани и формулирани на начин кој ќе биде лесно разбирлив. Вториот е дел во кој се решаваат практични задачи од конкретните подобласти. Сите пресметки кои се даваат, се изведени во согласност со одредбите предложени во еврокодовите и се опишани во првиот дел и тоа за статички и сеизмички товарни дејства.

Сите овие теми заеднички претставуваат една целина која ќе биде корисна, пред сѐ за студентите, но и за инженерите од практиката.

Проф. д-р Јосиф Јосифовски
вработен на Градежниот факултет во Скопје
член на ТК40 за Еврокодови и национални анекси и
претседавач со Работната група 7 за Геотехничко проектирање

Сите заинтересирани може да го набават Прирачникот во книжарницата ПЛОТ ЦЕНТАР,во кругот на Градежниот факултет, секој ден во работно време од 10 до 16 часот, или со уплата на Градежниот факултет преку ПП50 на
Трезорска сметка: 100 000 000 063 095
Уплатна сметка 1600104219 788 15
Приходна шифра 723219 програма 41.

Цената на книгата изнесува 500 денари со вклучен данок од 5%.