Конститутивна седница на Собранието на Комората ОАИ

Печати

Конститутивна седница на Собранието на Комората ОАИ

На 12 јули 2025 година (сабота), се одржа Конститутивната седница на новоизбраното Собрание на Комората на овластени архитекти и овластени инженери со мандат 2025-2029. Седницата се одржа во хибриден формат – со физичко присуство и можност за електронско приклучување преку апликацијата Microsoft Teams.

На седницата по презентираниот извештај од д-р Анастасија Трајковска, претседателка на Централната Изборна Комисија, беа акламативно верификувани мандатите на новоизбраните претставници во Собранието на Комората 2025-2029, согласно изборните листи од професионалните одделенија и со согласност со Деловникот за работа на Собранието. Потоа беше спроведен избор на претседавач и заменик-претседавач на Собранието на Комората.

Претседателката м-р Кристинка Чулак честитајќи им го изборот на новите делегати во Собранието, во своето обраќање истакна „...Ви посакувам мандат исполнет со конструктивна работа, плодни дискусии и постигнување на уште поголеми од досега постигнатите успеси. Нека продолжат различностите и треба да продолжат, но не со цел да се натпреваруваме меѓу себе за да докажеме кој е попаметен, кој е поглавен или позначаен во градежништвото кое е нашата животна професија, туку за да се надополнуваме едни со други во неа. Затоа што дури и без една професија од нашите 12 профилирани, надвор – на терен, нема да има успешен објект.

Затоа ве молам секој од вас треба сериозно да пристапи кон своите обврски, со посветеност, одговорно, во служба струката и исклучиво со личен интегритет, затоа што ова е комора на индивидуалци, интелектуалци и инженер. Да го задржиме нејзиниот идентитет што успешно е граден 19 години по ред, а уште повеќе нејзиниот интегритет и независност.“

Со оваа седница, формално започна новиот четиригодишен мандат на Собранието на Комората ОАИ. Официјални документи од Седницата на Собранието ќе бидат дополнително објавени на веб страницата на Комората.