
На покана на Инженерската комора на Србија, раководителот на Одделението за електротехника при Комората ОАИ, г-дин Мицко Чадиноски, беше специјален гостин на манифестацијата „Првите денови на електро инженери“. Настанот се одржа во Кладово, Република Србија, во период од 28 до 30 ноември 2025 година.
Во рамките на официјалниот дел од програмата, г-дин Чадиноски имаше свое обраќање на свеченото отворање. Тој упати поздрави во името на Комората, изразувајќи посебна благодарност за укажаната чест и поканата македонската комора да биде дел од овој значаен регионален настан.
На настанот присуствуваа и Претседателот на Собранието на Комората на Црна Гора, како и претставник на Европскиот совет на инженерски комори, што дополнително ја потврди важноста на регионалната соработка и вмрежувањето на инженерската фела.

Агендата на настанот опфати низа стручни предавања од областа на електротехниката, а беше реализирана и стручна посета на Хидроелектраната „Ѓердап“, каде гостите имаа можност да ја разгледаат контролната соба и да се запознаат со начинот на управување на овој витален енергетски објект.