Пресинг 38
Печати

pdf iconПРЕСИНГ БР.38

 

МЕНАЏМЕНТ

Инженерскиот менаџмент е одговорен за организирање и управување со процесите и работите во инженерството, а со цел да ја зголеми неговата продуктивност и ефикасност. Добриот менаџмент преку детално и системско планирање и оптимизација може да обезбеди поголема конкурентност и зголемен профит за фирмите.
Се чини дека слабата конкуренција на домашниот пазар и бавната економија во минатото го ограничија градежниот развој. Останаа малку фирми кои се подготвени да работат на посериозни проекти со ограничен буџет и времетраење. 
Состојбата денеска е изменета и капиталните инвестиции во инфраструктурните проекти изминативе неколку години го раздвижија градежниот сектор, а со тоа и пазарот на трудот. На него се бара инженер повеќе, а најмногу недостига искусен среден и висок менаџерски кадар. Oттука и потребата фирмите континуирано да вложуваат за подигање на технички и менаџерски компетенции на својот инженерски кадар. 
За да се биде менаџер, прво мора да се биде добар инженер. Но, не и секој добар инженер може да биде успешен менаџер. Тој треба да има посебен сет на способности, технички вештини и персонални квалитети. За да се биде успешен и добар менаџер треба да се биде личност која мотивира, која е креативна и исполнителна.
Уште повеќе за квалитетен менаџер потребна е стручност од повеќегодишна работа на големи проекти. Од факултетските клупи излегуваат инженерски кадри со солидни теоретско-стручни компетенции на кои генерално им недостасуваат практични знаења. Трансферот на практичните знаење треба да се случува на работните места, во фирмите при извршување на секојдневните задачи, но и преку обуки и стручни курсеви, како и посети на семинари и саеми.
Доброто менаџирање на проектите преку намалување на непредвидените трошоци и ризици носи одредени придобивки за фирмите и ја забрзува нивната реализација. Потребата од поквалитетно менаџирање е особено значајна за градежните фирми кои учествуваат на проекти финансирани од европските фондови и банки. Кај нив примената на ФИДИК-моделите на договори кои детално ги уредуваат меѓусебните односи, права и обврски на сите чинители во градбата е задолжителна. Но, за спроведување на проектите според ФИДИК потребни се професионалци коишто ги познаваат овие модели.
Напредокот на инженерството е тесно поврзан со унапредувањето на менаџерските способности на инженерите. Секоја фирма е онолку успешна колку што вложува во својот менаџерски кадар, а достигнувањата на фирмата ги прават личните достигнувања на вработените.

 

Проф. д-р Јосиф Јосифовски
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“