Пресинг 19
Печати

pdf icon ПРЕСИНГ БР.19

БЕРМУДСКИ ТРИАГОЛНИК <ЦЕНА - КВАЛИТЕТ - ВРЕМЕ>

Комората на овластени архитекти и овластени инженери му се заблагодарува на досегашниот уредник на списанието д-р Горан Марковски, чиј тригодишен мандат заврши со претходниот број на Пресинг.
Поради неговата алтруистичка посветеност, инженерска прецизност и бистро мастило Пресинг денес се доживува како врвно стручно списание.

Наредните два броја на списанието, како вршител на должност ќе ги уредува членот на Управниот одбор на Комората, д-р Миле Димитровски, а веќе од октомври 2014 очекуваме новиот уредник да ја започне својата тригодишна голгота.
Eвтино, квалитетно и брзо? Целта да се спојат две од овие три варијабли е оптимистичка но реална, очеку­вањето да се спојат сите три, особено кај комплексни задачи, е ништо повеќе од евтин маркетиншки трик.
Спојот на квалитет и цена е вечно и отворено прашање. Дури и кога се работи за лична одлука а не јавна набавка, за најголем дел од нас цената игра пресудна улога, притоа обидувајќи се квалитетот да го вметнеме како придружен елемент, потајно затскривајќи го кога ја договараме цена­та, а гласно барајќи го кога го добиваме бараното.
Суштинското и многу логично прашање е како да се одр­жи квалитетот на градбите во јавниот сектор, кога, согласно со Законот за јавни набавки, основа за добивање на рабо­тата во јавниот сектор е исклучиво најниската цена?
Но, следното логички поврзано прашање е доколку рефе­ренците се фактор во изборот на најповолен понудувач, то­гаш кои мерки треба да се преземат за да субјективната евалуацијата на понудите биде објективно издржана? Или поинаку кажано, доколку Законот за јавни набавки претр­пи измени и се вметне факторот квалитет/референци како основа за добивање на јавната набавка, дали ќе имаме ре­ално подобрување на состојбата? Или ќе се создадат ре­акции од типот – „јас понудив најдобра цена, но другиот со фабрикувани референци ми ја зеде работата“.
Во првиот случај (минимална цена) имаме силна основа за објективна одлука, преку исклучување на субјективниот фак­тор во одлучувањето, следено со ризик за лош избор, а во вториот случај (цена + референци) имаме послаба основа за објективна одлука поради директната субјективната ева­луација, но со реална можност за подобар избор.
Дополнително, во првиот случај, субјективниот фактор и не е целосно исклучен, бидејќи одговорните лица во јавниот сектор се тие што ги пишуваат условите на јавната набав­ка, при што лесно може со еден додаден збор да се исклу­чат конкурентските фирми. Во вториот случај, пак, субјек­тивната евалуација на понуденото, направена од истите тие одговорни лица, се базира на потребата овие лица да би­дат стручни и доволно етични да прават објективна евалу­ација. Ако лицето кое ја врши таа оцена не е со доволно висок морал, тогаш избегнувајќи ја комбинацијата ниска це­на > низок квалитет ризикуваме да завршиме со висока це­на > низок квалитет. А полошо од тоа, здравје!
Дали еден систем на правно пропишани детални услови за тендерска документација, следени со серија контролни ме­ханизми при доставата на целосна проектна документа­ција, строги правила и одговорности за ревидентот и строг и фер надзор, би имал нешто против тоа минималната це­на да биде основ за добивање на јавната набавка? Веројат­но не. Значи проблемот можеби и не е толку во крајната инстанца на тоа како е добиена работата, туку како истата е иницирана, спроведена и подоцна контролирана. Бидејќи тука се кријат изворите на суштинскиот проблем. Ако сите овие сегменти во градежната дејност функционираат како што треба, речиси се исклучува можноста нереално ниски­те цени да царуваат со јавните набавки.
Германскиот модел на минимална цена за инженерски ус­луги (еден од ретките во светот) се темели на дефинирање на исклучително висок стандард на инженерска професи­оналност, висок степен на одговорност за сработеното, а од тоа подоцна произлегува цената, а не обратно. Ваков модел веројатно би бил добредојден и во Република Ма­кедонија.
Целта на евентуалните законски и подзаконски измени и нови упатства, е во изнаоѓањето на механизми кои ќе овоз­можат минимизирање на можностите неквалитетот да се пробива низ одобрената проектна документација и извед­бата, бидејќи горчливоста од нискиот квалитет останува да нè потсетува долго време откако ќе се заборави слаткиот вкус на ниската цена.