Посета на брани со придружни објекти и хидроцентрали во Турција, април 2025

На стручната екскурзија учествуваа 34 членови на ЗМКГБ, вработени во градежни компании, хидроенергетски и водостопански претпријатија, инженеринг фирми и научни институции во РС Македонија. Стручната екскурзија беше спроведена во целост според усвоената техничка програма, предложена од колегите од Турскиот комитет за големи брани (ТRCOLD) и од DSI (Devlet Su İşleri), односно State Hydraulic Works. Државната водостопанска агенција DSI е главната извршна организација во Турција одговорна за одбрана од води и за нивно јавно користење за хидроенергија, наводнување, водоснабдување и индустрија. Всушност DSI e државна агенција одговорна за сигурноста на браните во четирите етапи од нивниот живот: истраги, проектирање, градење и одржување. Со оваа шеста стручна посета на брани организирана од MACOLD, беше избрана Турција, зашто таму градбата на брани во последните три децении е убедливо најсилна во Европа. Во тој период изградени се околу 1,000 големи брани од различни типови, меѓу кои и RCC Roller-Compacted Concrete Dams (RCCD), Face Symmetrical Hardfill Dams (FSHD), Concrete Face Rockfill Dams (CFRD), кои сѐ уште не се изградени во Македонија. Воедно, таа има изградено квалитетна и разновидна водостопанска и хидроенергетска инфраструктура, чие запознавање може да го унапреди искуственото знаење на нашите хидротехничари.

Првиот ден, недела 6. април, се патуваше од Скопје до Istanbul, третата престолнина на Отоманската империја и сегашниот економски и културен центар на Турција. Попладнето беше искористено за разгледување на дваесет милионскиот мегалополис Истанбул (слики 1...) со исклучителна местоположба, распослан на два континенти Европа и Азија, на теснецот Босфор меѓу Црното и Мраморното море. Во понеделник, 7. април, прво беше посетена браната Ömerli (слики 2.1...), каменонасипна висока 52 м, наменета за водоснабдување на Истанбул. Потоа, беше посетена каменоземјената брана Alibeyköy висока 32 м (слики 2.2...). Ноќевањето беше во Bursa (првата престолнина на Отоманската империја). Вториот работен ден, вторник 8. април, започна со посета на каменонасипната брана Gökçe висока 62 м (слики 3.1...) и продолжи со посета на каменоземјена брана Çınarcık висока 125 м (слики 3.2...). Ноќевањето беше повторно во Bursа, три милионски град со сочувана традиционална архитектура и импозантна тврдина. Стручната екскурзија во среда 9. април, започна со посета на брана од ваљан бетон во фаза на градба Gölecik висока 95 м (слики 4.1...) и продолжи со посета на гравитационата брана Devecikonağı висока 95 м (слики 4.2...). Ноќевањето беше во Balıkesir, индуструски град во внатрешноста на Мала Азија. Четвртиот работен ден, четврток 10. април, прво беше посетена каменонасипната брана Manyas висока 90 м (слики 5.1...) и продолжи со посета на насипната брана Reşitköy висока 45 м (слики 5.2...). Ноќевањето беше во модерниот град Çanakkale, поминувајќи го долгиот висечки мост од 6 км на теснецот Дарданели меѓу Мраморното и Егејското море. Последниот работен ден, петок 11. април, започна со посета на каменоземјена брана Hamzadere висока 48 м, со затворена квадратна форма и со должина во круната околу 10 км (слики 6.1...) и продолжи со посета на насипната брана Sultanköy висока околу 30 м (слики 6.2...). Ноќевањето беше во преубавиот град Edirne (втората престолнина на Отоманската империја) со бројни културно историски споменици. Последниот ден, сабота 12. април, се патуваше од Edirne, град лоциран на тромеѓата помеѓу Турција, Бугарија и Грција, низ Бугарија до Скопје (слики 7...).

Учеството на вакви стручни екскурзии, како прво е од непроценливо значење за хидротехничарите, посебно за помладите колеги, независно од тоа дали се бават со теориска или практична дејност во Инженерството за брани и, како второ, да се спореди домашната Индустрија за брани со странската, зашто само преку компарацијата може да се заклучи за сегашниот степен во развојот на водните ресурси во Македонија. Од споредбата може да се изведат повеќе констатации од кои најзначајни се следните две. Прво, во Турција максимално се почитува фактот дека браните се клучните објекти на водостопанската и хидро-енергетската инфраструктура и воедно градежни објекти со најголем потенцијален хазард за  околината. Таму, на највисоко политичко ниво одлучено е дека нивната сигурност е бескомпромисна и затоа таа е доделена на хиерархиски организирана структура - државната агенција DSI, која располага со човечки и финансиски ресурси поголеми од одделни министерства. Во Македонија, во долгиот транзиционен период потонат во корупција и дезориентираност во капиталните инвестиции, постојат бројни импровизации во гарантирањето на сигурноста на браните. Ингеренцијата за водите и браните е разделена во повеќе ресорни министерства и државни компании со недоволна екипираност, компетенции и капацитет. За жал, обединети сме само во тагата после големи трагедии, кои пречесто ни се случуваат во последно време. Имајќи го предвид фактот дека голем број од браните во Македонија се остарени и запоставени, со цел да се избегне трагедија од несогледливи размери, со право се наметнува прашањето за подобрување на организационата поставеност во доменот на водите и браните. Цениме дека е крајно време да се формира единствена „Дирекција за брани“ со концентрација на кадарот и финансиските ресурси по угледот на DSI во Турција, која ќе ја преземи одговорноста за сигурноста и економичноста на браните, како и за приоритетот во санација на остарените брани и за градба на нови брани. Второ, во Турција се проектираат и градат нови брани под контрола на DSI со примена на најнови и поекономични технологии во Индустријата за брани и со стручна анализа на конфигурацијата на сложените хидросистеми. Во Македонија во моментот се актуелизира градбата на Чебрен, каде независно од волунтаристичкиот приод во изборот на конфигурацијата и физичките параметри на каскадниот хидроенергетски систем на Црна Река, усвоена е лачна брана за Чебрен. Подвлекуваме дека на профилот Чебрен,  трошоците за машинска и електро опрема се приближно линеарно зависни од инсталираноста на хидроцентралата, односно единствената можност за поекономично решение е во унапредување на композицијата на хидројазелот од хидроградежен аспект. Меѓутоа, избрано е решение кое датира од 70-тите години на минатиот век, кога воопшто не била позната технологијата за градба на RCC брани во Македонија и Hardfill брани на планетарно ниво. Така, пет-шест децении подоцна, се форсира застарена конфигурација со лачна брана од конвенционален бетон со шахтен преливник во бокот  на долината, без споредба со брана од типот RCC или Hardfill со челен преливник во телото на браната, со која на дадениот преграден профил најверојатно би се добило поекономично решение за хидројазелот.        

Ја ползувам оваа пригода да се заблагодарам на колегите од Турција, Ms. Nisanur KARABAG, Ms. Yasemin ER, Mr. Kadir ÖZMEN и Mr. Ferhat GÖKTÜRK од DSI, Анкара (главниот град на Турција), кои постојано нѐ придружуваа на студиското патување, како за нивната топла медитеранска гостопримливост, така и за нивните стручни презентации на карактеристиките на посетените хидротехнички објекти. Се заблагодарувам на докажаните пријатели на ЗМКГБ - спонзори/донатори на оваа стручна екскурзија со чија несебична финансиска поддршка беа покриени дел од трошоците на организаторот. Воедно, моја благодарност до туристичката агенција Савана од Скопје, која по четврт пат успешно организира стручна екскурзија со посета на тешко достапни преградни профили за брани и хидроцентрали и посебно до духовитиот Никола (водич на студиското патување), кој стрпливо ги решаваше сите проблеми на учесниците. На крајот, би сакал да ја подвлечам исклучителната сериозност и студиозност на групата, што е најдобриот поттик за ЗМКГБ да ја одржи востановената традиција со спроведување на слични стручни екскурзии.

Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

Фотогалерија

01.jpg 02.jpg 03.jpg

04.jpg 05.jpg 06.jpg

07.jpg 08.jpg 09.jpg

10.jpg 11.jpg 12.jpg

13.jpg 14.jpg 15.jpg

16.jpg 17.jpg 18.jpg

19.jpg 20.jpg 21.jpg

22.jpg 23.jpg 24.jpg

25.jpg 27.jpg