Во рамките на „Геотехнички денови 2024 на Комората“ во организација на Одделението за геотехника, на 16 мај 2024 година од 11 до 15 часот, во салата на Комората, се одржa стручно предавање на тема „Искуства и стратегии за справување со нестабилности кај косините и појавата на свлечишта“ oд проф. Вито Тагарели гостин од Политехничкиот Универзитет во Бари, Р. Италија.
На почетокот се обрати Заменик претседателот на Комората М-р Дејан Метикош кој ги поздрави присутните и им посака успешна работа и по што започна официјалниот дел на обуката.
По него свое излагање имаше проф. д-р Јосиф Јосифовски како раководител на одделението за геотехнички инженери кој даде вовед за изборот на темата и нејзиното значење со оглед на проблемите со кои се соочуваме во изминатите години при изградба на инфраструктурните објекти и инженерските косини или засеци како дел од нив.Тој даде и кратко објаснување на современиот концепт за анализа на стабилноста на косините која ја вклучува интеракцијата помеѓу косините, вегетацијата и атмосферските влијанија.
Професорот Тагарели во Комората одржа вкупно три презентации или предавања кои се меѓусебно поврзани, и тоа првото, во кое тој се задржа на Стратегиите за за утврдување на механизамот на свлекување и примената на Методологија за испитување и дијагностика на свлечиштата организирана во фази.
Во вториот дел, тој се задржа и го запозна аудиториумот со позначајни примери од Италија на поголеми свлекувања на теренот за кои се осврна на спроведените истрагите и анализи како и на методите за санација.
Во третото и последно предавање, тој се задржа на современите трендови на анализа во кои свлекувањата се анализираат со современи и напредни компјутерски методи во кои покрај механичките влијанија и товари се земаат во предвид и хидролошките услови од атмосферските врнежи и филтрацијата на подземната вода и не само тие туку и промената на температурата на атмосферата и почвата. Во оваа сложена интеракција дополнително влијание има и вегетацијата. Во овој контекст проф. Тагарели прикажа и пример на свлечиште во Јужна Италија кое се следи долготрајно преку набљудување и мерење на повеќе физичко-механички големини во подолг временски период. Резултатите се потоа користени за калибрирање на претходно претставениот напреден нумерички модел со цел да се користи во иднина за проценки на состојбите од појава, заштита и за санација на свлечишта.
Семинарот заврши во планираното време со пригоден коктел во друштво на сите присутни кои броеја околу 50-тина.
Во продолжение фотогалерија од настанот: