На 23 септември 2025 година, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија (КОАИ) потпиша два значајни меморандуми за соработка со сродните професионални комори од Република Косово – Комората на архитекти на Косово (ОАРК) и Комората на инженери на Косово (ОИРК).
Меморандумите беа потпишани од претседателката на КОАИ, м-р Кристинка Чулак, претседателот на ОАРК, Uran Kycyku, и претседателот на ОИРК, дипл. инг. Arsim Rapuca. Со овие документи се воспоставува рамка за долгорочна и продуктивна соработка помеѓу професионалните тела од двете земји.
На настанот присуствуваа и извршната директорка на ОАРК – Бесмира Сејдиу, Претседавачот на Комората на КОАИ - м-р Арменд Шаќири, делегат од КОАИ Хамди Сулемани и генералниот секретар на КОАИ - м-р Александар Манчевски.
Меморандумите предвидуваат:
• континуирана размена на искуства и добри практики,
• заеднички апликативни проекти од меѓународен карактер,
• учество на конференции, симпозиуми и други професионални настани,
• едукација и организирање предавања за членовите на коморите,
• заемна поддршка при унапредување на законодавната рамка, со цел подобрување на регулативата,
• соработка во насока на усогласување на законодавството за професионалните комори во двете земји, што во иднина ќе овозможи заемно признавање на лиценците на инженерите и архитектите.
Потпишувањето на овие меморандуми ја потврдува заедничката заложба за јакнење на професионалните капацитети, поттикнување на регионална соработка и усогласување со најдобрите европски практики.
КОАИ верува дека ваквите партнерства се значаен чекор кон градење мостови на соработка меѓу соседните земји, како и кон зајакнување на улогата на архитектите и инженерите во процесите на европска интеграција.