×

Порака

Заштита на лични податоци и користење колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. Со користење на нашата веб страница, вие се согласувате дека можеме да ги поставиме овие типови колачиња на вашиот уред.

Погледни детали

Не се согласивте колачиња да бидат запишани на вашиот уред. Оваа одлука може да се смени.

ПРЕСИНГ БР. 70
Pin It

pdf iconПРЕСИНГ БР.70

„ПРЕСИНГ" - СЕДУМДЕСЕТ БРОЕВИ, ПЕТНАЕСЕТ ГОДИНИ -ГЛАСОТ НА СТРУКАТА НИЗ ВРЕМЕТО

Почитувани колеги архитекти и инженери, почитувани читатели, Пред Вас е јубилејниот, 70-ти број на списанието „ПРЕСИНГ", со кој одбележуваме значаен момент -петнаесет години од објавувањето на првиот печатен број на стручното гласило на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Овој двоен јубилеј е повеќе од бројка; тој е сведоштво за континуитетот на една идеја, за истрајноста на професионалниот дијалог и потсетник за заедничката посветеност на сите оние кои низ годините го создаваа и го развиваа ова списание како глас на архитектонската и инженерската заедница.

Кога „ПРЕСИНГ" за првпат се појави пред читателите, неговата основна мисија беше јасна да биде платформа за размена на знаење помеѓу инженерите, за афирмација на архитектонската и инженерската мисла, место каде што струката ќе може непречено да ги споделува своите искуства, идеи, дилеми и визии.

Денес, петнаесет години подоцна, низ седумдесет изданија на „ПРЕСИНГ, страниците на ова списание претставуваат своевидна хроника на динамиката на развојот на професијата, на предизвиците со кои се соочуваат инженерите, но и на нивната креативна енергија и интелектуална сила. Во нив се препознаваат гласовите на бројни автори инженери, истражувачи, професори и практичари кои преку своите текстови придонесоа „ПРЕСИНГ" да се изгради како релевантен и значаен простор за размена на стручната и професионалната мисла. Токму нивните идеи, искуства и критички согледувања ја обликуваа содржината на списанието низ времето и ги создадоа сите овие седумдесет броеви низ чии страници се преплетуваат теоријата и практиката, традицијата и современите инженерски стремежи.

Архитектурата и инженерството се професии што непосредно го обликуваат просторот во кој живее општеството. Тие бараат високо ниво на знаење, одговорност и интегритет, но и постојано преиспитување, учење и споделување на искуството. Оттука произлегува и потребата за постојано надградување на професионалната мисла, за критички дијалог и за споделување на искуствата меѓу инженерите токму она што едно вакво стручно списание треба да го овозможи. „ПРЕСИНГ" во изминатите петнаесет години ја исполнуваше оваа улога. „ПРЕСИНГ" создаде простор за размислување, за афирмација на професионалните вредности и за зајакнување на врските во рамките на архитектонската и инженерската заедница.

Јубилејот што го одбележуваме е и можност да упатиме искрена благодарност до сите Вас кои низ годините бевте дел од приказната на „ПРЕСИНГ" - до сите автори, соработници, уредувачки одбори и до сите читатели кои со својата доверба, поддршка и безрезервно вложување придонесоа списанието да опстои и да се развива. Зад секој испечатен број стои заедничкиот труд и ентузијазмот на инженерите, проткаени со уверувањето дека знаењето и искуството имаат вистинска вредност само кога се споделуваат. Едниствено мислата запишана на хартија може да стане темел на иднината.

Нека овој јубилеен број биде и мал потсетник дека вистинските професии не се градат во еден миг, туку низ време со знаење, со интегритет и со чувство за заедништво! Со истата посветеност со која беше создадено ова списание и со искрена верба во силата на знаењето и значењето на пишаниот збор, верувам дека и понатаму ќе продолжиме да го негуваме „ПРЕСИНГ" како простор за нас за инженерите.

Во име на Уредувачкиот одбор на „ПРЕСИНГ", Ви благодарам за довербата и поддршката!

Со почит.

Проф. д-р Маријана Лазаревска
Главен и одговорен уредник на „Пресинг“