Делегација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери учествуваше на „17 Денови на електроинженери“, одржани во Бол на Брач од 02 до 04 октомври 2025 година, на покана на Хрватската комора на инженери електротехника. Настанот беше со досега најголема посетеност, со приближно 1300 учесници – инженери, предавачи, гости од соседните инженерски комори и претставници на спонзорите.
КОАИ ја претставуваа раководителот на Одделението за електротехника Мицко Чадиноски и делегатот во Одделението за електротехника Драгица Устапетрова-Атанасова. Во своето обраќање, Чадиноски истакна дека електроинженерите мора јасно да ја афирмираат својата улога во развојот на современото општество и да ја споделат визијата за иднината, нагласувајќи дека ваквите големи собири отвораат можности за нови идеи и инспирации и ја зацврстуваат професионалната позиција на струката.
Во рамките на програмата, делегацијата активно учествуваше и на состанокот на Меѓународниот одбор на 17. Денови на електроинженери. Разговорите опфатија осврт на претходните заклучоци, планови поврзани со либерализацијата на пазарот на услуги, размена на искуства за усогласување со европските насоки и практики во изработка на проектна документација и во стручен/проектантски надзор, како и насоки за продлабочување на регионалната соработка.
Учеството на настанот придонесе за интензивно вмрежување, размена на добри практики и поставување конкретни основи за понатамошни заеднички активности со инженерските комори во регионот, вклучително и можни заеднички обуки и тематски настани насочени кон квалитет, стандарди и иновации во електроинженерството.
Фотогалерија: