На седницата одржана на 4 октомври 2025 година, Собранието на Комората на овластени архитекти и овластени инженери го избра м-р Дејан Метикош, градежен инженер, за Претседател на Комората за мандатниот период 2025-2029.
Седницата на Собранието ја водеше новоизбраниот Претседавач на Собранието, м-р Арменд Шаќири. По завршувањето на административните обврски поврзани со утврдување дневен ред, усвојување на записник од претходна Седница и верификација на мандатите на тројца делегати, Претседателката на Централната изборна комисија, д-р Анастасија Трајковска, го презентираше Извештајот за номинирани кандидатита од страна на професионалните одделенија за изборните позиции во Комората, и тоа: Претседател, Потпретседател, Управен одбор и Надзорен одбор.
По однос на точката за избор на Претседател на Комората, со тајно гласање, делегатите го избраа м-р Дејан Метикош, градежен инженер, за Претседател на Комората за мандатниот период 2025-2029.
Избор на Потпретседател на Комората не беше направен на оваа Седница, од причина што ниту еден од кандидатите не освои доволен број гласови од присутните Делегати.
Во продолжение Делегатите на Собранието на Комората со акламација ги потврдија новите членови на Управниот одбор за мандатен период 2025-2029. Листата на членови на Управниот одбор на Комората беше усвоена согласно Извештајот на Централната изборна комисија, а ќе биде дополнета на наредна седница на Собранието со двајца претставници, еден од Одделението на урбанисти и планери и еден од Одделението за животна средина, по завршување на постапките за избор на раководители во овие одделенија.
Потоа, со акламација беше усвоена и листата на новиот состав на Надзорниот одбор на Комората. Согласно усвоената одлука, Надзорниот одбор ќе се дополни со уште еден член од Одделението на урбанисти и планери на првата наредна седница.
Со носењето на овие одлуки, Комората влезе во нов четиригодишен циклус во кој ќе продолжи да ја унапредува професионалната практика, да ја зајакнува транспарентноста и да ја продлабочува соработката со институциите, академската заедница и стопанството.
Фотогалерија