На 19 мај 2026 година, во просториите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, се одржа комерцијалната презентација на MAPEI на тема „Хидроизолација на подземни структури како проектантска стратегија“, посветена на современите пристапи и решенија во областа на хидроизолацијата на подземни конструкции.
Пред присутните архитекти, инженери и професионалци од градежниот сектор, презентацијата ја одржа инж. Фади Саламат од MAPEI, кој ги сподели своите искуства и експертиза во областа на хидроизолационите системи, обновата и заштитата на армиран бетон, како и конструктивното зајакнување.
Во рамки на предавањето, фокусот беше ставен на значењето на правилниот избор на системи за хидроизолација уште во фазата на проектирање, со цел да се обезбеди долготрајност, сигурност и стабилност на подземните структури. Беа презентирани и практични примери, технички решенија и пристапи кои се применуваат при реализација на комплексни инженерски проекти.
Настанот продолжи со интерактивна сесија за прашања и одговори, каде присутните имаа можност директно да дискутираат со предавачот за конкретни предизвици поврзани со проектирањето и изведбата на хидроизолациони системи.






