ИДНИНАТА СЕ ГРАДИ – СО УМ, СРЦЕ И ОДГОВОРНОСТ
Градежништвото отсекогаш било огледало на зрелоста на едно општество. Таму каде што има визија, ред и почит кон знаењето има можност за развој. Таму каде што има стабилни институции, транспарентни постапки и почит кон знаењето, има можност за напредок. Таму каде што политиката ги диктира приоритетите, а интересите го заменуваат квалитетот се руши довербата, се рушат вредностите.
Во Македонија, денес, сме сведоци на таа кревка рамнотежа меѓу професионализмот и импровизацијата. Многу проекти се започнуваат со ентузијазам, но завршуваат со компромиси. Реализацијата на капиталните проекти се движи бавно и честопати без јасна стратегија. Наместо со одговорност и долгорочна визија, системското планирање се базира на задоволување на определени краткорочни приоритети. Јавните набавки премногу често ја фаворизираат најниската цена наместо најдоброто решение. Како да се заборава дека евтиното денес, најчесто станува најскапо утре.
Во вакви услови, не е за изненадување тоа што инженерите ја бараат својата иднина надвор од земјата. Тие не бегаат само заради ниските плати туку и заради чувството дека професијата ја губи својата вредност и „тежина. А токму инженерите се двигатели на напредокот. Без нив нема да има развој, инфраструктура, нема енергетика, нема градови, нема иднина.
Но, надежта постои. Таа живее во новите генерации на инженери кои влегуваат во професијата со знаење, интегритет и ентузијазам. Симбол на таа надеж се добитниците на Инженерскиот прстен најдобрите меѓу младите инженери кои со својот труд, истрајност и постигнати резултати потсетуваат дека знаењето, трудот и чесноста се уште се вредности што можат да ја менуваат стварноста. Тие не се само носители на признание, туку гласници на една нова инженерска енергија инженерска култура во која одговорноста е поважна од брзината, а квалитетот е поважен од компромисот.
Во таа насока, Комората на овластени архитекти и овластени инженери има клучна улога. Таа е мост меѓу искуството и младоста, меѓу регулативата и практиката, меѓу професионалниот интегритет и општествената одговорност. Од Комората се очекува повеќе од формална надлежност од неа се очекува иницијатива, визија и лидерство. Таа треба да биде гласниот застапник на инженерската мисла, промотор на вистинските вредности и чувар на етичките принципи што ја држат професијата исправена. Преку јасни стандарди, континуирана едукација и отворени платформи за соработка, Комората може и треба да создаде амбиент во кој младите инженери нема само да учат од постарите, туку ќе можат и да ги надградуваат нивните искуства.
Мисијата е јасна: да го препознаеме потенцијалот на новите генерации на инженери и да се обидеме да ги поддржиме! Да создадеме средина во која тие ќе можат да го реализираат својот потенцијал тука, дома! Да создадеме систем што ќе ги наградува идеите, иновациите и квалитетот, наместо лојалноста и формата! Да обезбедиме можности за младите да учат, да истражуваат, да грешат и да напредуваат! Да го обновиме достоинството на инженерската професија преку правила што се еднакви за сите, преку почит кон стручноста и знаењето и преку долгорочна визија за развој! Инженерството не бара привилегии. Инженерството бара ред, знаење, одговорност и простор за правилен развој.
На крајот, секое општество е силно онолку колку што е способно да гради. А градењето започнува со идеја, чиста, смела и осмислена, со интегритет и со верба дека знаењето има вредност. Ако тоа го разбереме, ќе можеме да кажеме дека иднината навистина ја градиме со ум што размислува, со срце што се вложува и со одговорност што го надминува личниот интерес.






